Годината кога Стопанска банка АД – Скопје одбележува 75 години постоење, збогатена беше со една уникатна интерактивна кампања која повикуваше од граѓаните да возат велосипед и извозените километри да ги „донираат“ за една цел – 1 милион извозени километри заедно.

Благодарение на позитивната порака со хуманитарен карактер, подобрената навика кај населението автомобилот да го замени со велосипедот како превозно средство и секако на убавото време кампањата на 21.11.2019 го надмина милионитиот километар и со тоа ја оствари примарната цел.

Секако, повикот беше и од хуманитарна цел затоа што покрај поттикнувањето здрави навики на учесниците, банката за сите овие од срце извозени километри за Универзитетската клиника за детски болести, одделот за кардиологија и ревматологија, донира врвен ултразвучен апарат Philips “Affinity” 70 со сонди соодветни за успешен преглед на деца од сите возрасти.

За болница која се грижи за нашите најмали сограѓани, од голема важност е да може да им помогне на поголем број пациенти, за пократко време, но без компромис во квалитетот на прегледите и дијагностиката. Овој апарат нуди беспрекорен квалитет на 2Д-слика посебно кај технички тешки случаи со над 7.500 параметри со кои може да се персонализира прегледот и голем екран со висока резолуција. Апаратот нуди брза, точна и сигурна дијагностика, а притоа е и енергетски ефикасен, со што нуди простор за заштеда на време и на ресурси за болницата. Дополнително, оваа дијагностичка опрема ќе може да се користи и за истражувачки цели на медицинскиот тим со кои ќе се остварува и едукативната функција на Клиниката.

Покрај врвниот медицински апарат, Банката за кабинетот во кој се одвиваат прегледите донира нов мебел и ИТ-опрема за подобри услови и за пациентите и за медицинскиот тим.